Сивата економија претставува стратешки приоритет на Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија.

Поимот сива економија подразбира вршење на економски активности кои не се регистрирани и не се пријавени за даночни цели од страна на поединци, неформални групи или организации. Таа е штетна за сите граѓани на Република Северна Македонија. Сивата економија ја поткопува конкурентноста на фирмите и поединците и претставува неправична и незаконска “предност” на оние кои не ги исполнуваат законските обврски. Со избегнување на своите даночни обврски се оштетуваат сите граѓани.

Присутна е во индустриските и услужните сектори каде трансакциите и плаќањето со готови пари се вообичаен дел од работењето: градежништво, угостителство, транспорт, трговија на зелените пазари, директна продажба преку социјалните мрежи и слично.

Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), учеството на сивата економија во севкупниот економски сектор на Република Северна Македонија изнесува 37,6 проценти. Според овој податок, земјата е на четвртото место во регионот на југоисточна Европа.

Сивата економија го нарушува интегритетот на целиот наш даночен систем, влијае штетно на буџетот и наплатата на приходите и со тоа ги скратува средствата за инвестиции во подобрo и поквалитетно здравство, образование и услуги за сите граѓани.

Во 2018, во рамки на Министерството за труд и социјална политика објавена е Стратегија за формализација на неформалната економија 2018-2022 која има за цел да создаде основни предуслови за одржлив и континуиран економски раст, повисок животен стандард и поволно деловно окружување и да се обезбедат еднакви услови за сите учесници на пазарот, да се поддржи трансформација на неформалните економски активности во формални, како и да се спречат нелегалните текови на пари.

Со цел интензивирање на реализацијата на одредени активности како и дополнување со нови активности согласно промените и ново создадените услови во последните две години, Министерството за финансии направи надополнување на Акцискиот план со нови мерки во соработка со Царинската Управа, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и Централниот регистар. Новите мерки се однесуваат на модернизација на одредени процеси, унапредување на законската регулатива и создавање на подобри услови за работа на малите и средни претпријатија како главен двигател на економскиот развој.

Целта на овој Акциски план е да дефинира сет на таргетирани мерки и да ја забрза реализацијата на активностите за јакнење на механизмите за сузбивање на сивата економија. Со активно следење на реализацијата на активностите од Акцискиот план, се овозможува систематско мерење на индикаторот кој го мери учеството на сивата економија во БДП (бруто домашниот производ), кој на среден рок цели намалување до ниво на 32,6 процентни поени, или намалување на 5 процентни поени во период од три до пет години.

Документи

Акциски план за спроведување на стратегијата за формализирање на неформалната економија 2023 – 2025

Акциски план за сузбивање на сивата економија 2021-2022 на Министерството за финансии и органите во состав

ПРИЈАВИ СИВА ЕКОНОМИЈА