Зошто не треба да ги поддржуваме оние што учествуваат во сивата економија?
Последиците од сивата економија ги чувствуваат сите граѓани на државата. Високото присуство на сива економија се смета за пречка за одржлив развој. Таа го намалува квалитетот на деловното окружување, создава кусок на јавни приходи и остава дел од вработените без социјална заштита и со ограничени права. Неформалните бизниси не придонесуваат за даночната база и во принцип остануваат мали, со ниска продуктивност и ограничен пристап до финансии, што води до понизок економски раст во области со високо ниво на сива економија.
Оние што ги избегнуваат своите даночни обврски добиваат нелојална предност, ја поткопуваат конкурентноста на фирмите и неправедни се кон поединците и бизнисите што работат законски. Всушност, Светска банка нотира дека приближно 30% од компаниите го наведуваат неформалниот сектор како нивно основно ограничување за растот.
Сивата економија го поткопува интегритетот на целиот даночен систем на државата и ги става поединците и бизнисите во нерамноправна положба во поглед на нивната финансиска оптовареност за плаќање на даноци и придонеси
За потрошувачите плаќањето „под рака“, без фискална сметка, не е добро решение. Иако плаќа помалку , со плаќање во готово без да биде издадена фискална сметка, потрошувачот нема никаква гаранција, нема начин да се пожали за неквалитетен производ или услуга. На овој начин и потрошувачот учествува во поткопувањето на даночниот систем.
Конечно, парите собрани од даноците завршуваат во буџетот на државата, од кој пак се финансираат здравството, образованието и науката, изградбата и одржувањето на патната инфраструктура, културата, спортот и другите јавни сектори. Со неподмирување на даночните обврски, има помалку пари за системите на државата што ги користиме сите, а последиците ги чувствуваат сите граѓани. Со тоа квалитетот на јавните услуги значително се намалува.
Повисокото присуство на неформална вработеност се поврзува и со повисоко ниво на доходовна нееднаквост, бидејќи работниците со слични знаења и способности обично се помалку платени во неформалниот сектор (особено кај нискоквалификуваните работници). Овие работници е поверојатно да бидат сиромашни отколку формално вработените, поради отсуство на формални договори и социјална заштита и бидејќи се генерално помалку образовани.