За што се користи буџетот
Со Законот за буџетите се уредуваат постапката за изготвување, донесување, извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје и известувањето за нивното извршување.
Основна цел при подготвување и извршување на буџетот е макроекономската стабилност и одржлив и стабилен национален економски развој.
Постапката за изготвување, донесување и извршување на Буџетот на Република Македонија и буџетите на општините како и известувањето за извршување на истите се заснова на следните начела:
- Сеопфатност, кое подразбира прикажување на сите приходи и други приливи, расходи и други одливи;
- Буџетска рамнотежа, кое подразбира вкупните приходи и приливи да ги покриваат одобрените средства со буџетот;
- Специфичност, кое подразбира дека одобрените средства се наменуваат за посебни цели по раздели, програми, потпрограми и ставки;
- Економичност, кое подразбира дека одобрените средства ќе се користат навремено, во соодветен износ, имајќи ги предвид квалитетот и цената;
- Ефикасност, кое подразбира најдобар сооднос помеѓу употребените средства и постигнатите резултати;
- Ефективност, кое подразбира остварување на поставените цели и остварување на саканите резултати;
- Транспарентност, кое подразбира достапност на јавноста во сите фази на подготвување и извршување на буџетот; и
- Сигурно финансиско управување, кое подразбира извршување на буџетот во согласност со ефективна и ефикасна внатрешна контрола како процес што се применува на сите нивоа на управување со финасиските средства.
Расходите од Буџетот финансираат разни намени: плати за јавната администрација, набавка на стоки и услуги потребни за тековното работење на буџетските корисници, пензии, социјална помош, субвенции, јавни инвестиции за изгрдба на училишта, болници, градинки, патишта итн.
Расходите може да се разгледуваат од организационен, функционален и економски и програмски аспект.