Како се полни буџетот на Република Северна Македонија
Буџетот на Република Северна Македонија претставува акт со кој се планираат годишните приходи и другите приливи и одобрени средства и ги вклучува централниот буџет и буџетите на фондовите. Централен буџет е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства, а се однесува на буџетските корисници на централната власт и ги вклучува основниот буџет, буџетот на донации, буџетот на заеми и буџетот на самофинансирачки активности. Буџет на фонд е годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства за финансирање на активностите на Фондот утврдени со закон. Фондови се: Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Според економската класификација, приходите на буџетот се делат на следните приходни категории:
- Даночни приходи
- Директни даноци : Данок на личен доход, Данок на добивка
- Индиректни даноци : Данок на додадена вредност, Акцизи и Царини
- Даноци на имот : Данок на имот, Данок на наследство и подарок, Данок на промет на недвижности и права
- Приходи од социјални придонеси (придонеси од задолжително социјално осигурување)
- придонес за здравствено осигурување со кој се финансираат трошоците на системот за здравствено осигурување;
- придонес за пензиско осигурување со кој се финансираат трошоците за пензии;
- придонес за осигурување во случај на невработеност со кој се финансираат трошоците за исплата на надоместок во случај на невработеност
- Неданочни приходи
- административни такси и судски такси
- приходи од дивиденди од претпријатија;
- парични казни;
- приходи од камати врз основа на дадени заеми;
- приходи од камати врз основа на депонирани средства;
- приходи врз основа на вишоци над расходите на Народната банка на Република Македонија; и
- други јавни давачки утврдени со закон.
- Капитални приходи
- приходи остварени по основ на продажба на капитални средства, земјиште и
- нематеријални вложувања и приходи од дивиденди
- Приходи од донации примени од земјата и од странство (во стока и пари)
- ДОМАШНО ЗАДОЛЖУВАЊЕ и ЗАДОЛЖУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО