Еден од основните предуслови за обезбедување на одржлив и континуиран економски раст, повисок животен стандард и поволно деловно окружување е да се обезбедат еднакви услови за сите учесници на пазарот, да се поддржи трансформација на неформалните економски активности во формални, како и да се спречат нелегалните текови на пари. Неформалната економија е мошне сложен феномен. Проблемот и појавата на неформалноста имаат мултидимензионална позадина, форма и ефекти. Неформалната економија се однесува на различни ситуации, мотивации и потреби. Истата создава нелојална конкуренција за формалните бизниси, иако истовремено мора да се напомене дека за дел од работниците (и економските агенти) неформалноста не е избор, туку неминовност во која се втурнати поради дефицит на пристојни работни места.
Намалувањето на неформалната економија претставува клучен чекор во воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување и рамноправни услови за работа и здрава конкуренција. Формализацијата на неформалната економија и сузбивањето на даночните затајувања ќе доведат до зголемување на даночните приходи, а со тоа и можност на државата и институциите да пружаат поквалитетни услуги и поголема социјална сигурност на граѓаните. Ќе се зголеми и правичноста на даночниот систем, ќе се подобри довербата помеѓу економските агенти, државата и граѓаните, и ќе се зголеми даночниот морал. Формализацијата на неформалната економија е особено важна за најранливите граѓани со цел да се подобри нивната социјална заштита и сигурност и да им се овозможи пристап до други бенефиции кои произлегуваат од работниот однос. Со оглед на високата невработеност, голем дел на граѓани својата егзистенција ја остваруваат врз основа на учество во неформалната економија, без можност да најдат пристојна, формална работа. Оттука, пристапот во намалување на неформалната економија треба да биде внимателен и во комбинација со политики кои ќе поттикнат креирање на формални работни места, со оглед на тоа дека брзото и силно сузбивање на неформалната економија ќе ги намали приходите на најранливите граѓани кои немаат друг извор на приходи и немаат никаква социјална сигурност. Од друга страна, властите треба да внимаваат и да се погрижат за формализација на работните места токму на тие граѓани.
Владата на Република Македонија континуирано реализира активности за намалување на неформалната економија и формализирање на неформалните и нерегистрираните деловни активности, главно преку имплементација на годишни акциски планови, беше спроведен и посебен ИПА проект.
Досегашната политика за намалување и формализирање на неформалната економија комбинираше пристап на казни (репресивни мерки) и на стимулации. Поновите истражувања за ОЕЦД земјите покажуваат дека казнените мерки или т.н. мерките ,,на застрашување‘‘ не се ефикасен инструмент за намалување на неформалната економија, туку тоа се мерките на даночната политика (и товар), дерегулацијата, мерките за зголемување на даночниот морал, како и реформа на даночната администрација од извршител кон сервис на даночните обврзници. Токму во таа насока е подготвувана и оваа Стратегија.
Согласно владините определби, во 2017 година во соработка со МОТ се подготвува првата Национална стратегија за формализирање на неформалната економија. Стратегијата е подготвена врз основа на партиципативен пристап во кој беа ангажирани сите засегнати страни, за што се формира и посебна работна група, вклучувајќи ги и социјалните партнери. Истата има елементи на хоризонтална политика, односно поединечни области, мерки и активности на оваа Стратегија се веќе опфатени во други стратешки документи. Оттука, при подготовка на оваа стратегија се внимаваше истата да биде целосно комплементарна со релевантните стратешки и програмски документи, и акциските планови за нивна имплементација.
Документи:
Стратегија за формализирање на неформалната економија 2023 – 2027
Стратегија за формализирање на неформалната економија во Република Македонија 2018-2022