Сивата или неформална економија ги опфаќа економските активности кои по својата природа се легални, но не се опфатени во официјалните статистики. Секоја економска активност со која се избегнуваат законите и оданочувањето а со цел стекнување сопствена корист на штета на државата, на одговорните претпријатија и на граѓаните, се нарекува сива или неформална економија.
Сивата или неформална економија постои во случај кога :
- субјектите работат надвор од правниот и даночниот систем,
- ги прикриваат трансакциите со цел да го избегнат плаќањето на даноци и социјалните придонеси,
- да ги избегнат трошоците поврзани со исполнување на сите обврски кои произлегуваат од конкретните закони.
- во одредени случаи, трансакциите може само делумно да се прикриваат или да бидат евидентирани во помал износ од реалниот со цел да се намали или целосно да се избегне даночната обврска.
- во други случаи, трансакциите може воопшто да не бидат евидентирани што најчесто се случува кога плаќањето се врши во готовина и го олеснува избегнувањето на даночните обврски.
Дефиниции за сива економија
Согласно дефиницијата на Европската Комисија, неформалната економија опфаќа „каква било платена активност која по својата природа е законска, но не е пријавена пред властите, земајќи ги предвид разликите во регулаторниот систем на Земјите членки“. Понатаму, согласно Шнајдер и Вилијамс, нејзината рамка вклучува: „пазарно засновано производство на законити добра и услуги кои намерно не се пријавуваат во официјалните статистики заради избегнување на плаќање даноци и придонеси, како и непочитување на останатите административни и законски стандарди“.
Суштина на активностите во сивата економија е непријавување на приходите, односно избегнување плаќање даноци и неданочни обврски за да се зголеми сопствената заработка. Во сивата економија работат поединци, неформални групи, компании или организации кои се регистрирани, но наоѓаат недозволени начини да ги избегнат обврските кон државата.
Согласно Меѓународниот Монетарен Фонд, неформалната економија се јавува поради повеќе причини:
- Од една страна, физичките и правните лица може да преземаат неформални активности со цел да избегнат плаќање на даноци и социјални придонеси, избегнување на обврски за усогласување со одредени правни норми како минимална плати, максимум работни часови, безбедносни или здравствени стандарди итн., избегнување на усогласување со одредени административни процедури, како пополнување статистички прашалници или други административни норми.
- Од друга страна, пак, индивидуалните лица може да зависат од неформални активности поради немање знаења и вештини за формално вработување или пак се премногу сиромашни за да добијат пристап до јавни и финансиски услуги.[1]
[1] https://www.imf.org/external/pubs/ft/fandd/2020/12/what-is-the-informal-economy-basics.htm
Како се мери сивата економија?
Сивата или неформална економијa е многу тешко да се измери со сигурност, но развиени се неколку методи за проценка на обемот на сивата економија. Овие методи се класифицирани во три групи:
- Директни методи кои се базираат на директни податоци собрани преку анкети, набљудувања и интервјуа со економските оператори;
- Индиректни методи преку кои се утврдува степенот на сивата економија со употреба на индикатори на макроекономските податоци, како што се односот помеѓу готовината и депозитите, физички инпут и сл. и
- Модален метод кој се базира на статистичката теорија за латентни варијабли, земајќи ги во предвид одредени причини и индикатори на сивата економија.
Фактори кои предизвикуваат сива економија
Предизвикот за намалување на сивата или неформалната економија и потенцијално остварување на дополнителен приход од истото е многу поголем во земјите во развој.
Сивата економија во која било земја е под влијание на широк опсег на фактори, вклучувајќи:
- општо оптоварување на бизнис секторот со даноци и социјални придонеси;
- комплексност на даночниот систем;
- големината на трошоците за основање на бизнис;
- системот на социјална заштита;
- ефективноста на даночната администрација
Форми на сивата економија
Според „Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2018-2022“ на Министерството за труд и социјална политика, најчести форми на неформална економија се :
- затајување на данок,
- неправилности во примената на Законот за работни односи,
- висок степен на мито и корупција,
- недозволена и непријавена прекугранична трговија со добра,
- високо учество на готовина во масата на пари и
- извршување на зделки во натура или компензација.
Поконкретно, активностите во сивата зона опфаќаат нерегистрирани бизниси, прикривање на приходот од страна сопственици на фирми од различни дејности, нецелосно евидентирање на готовинскиот промет, разни шеми на измами, остварување на приходи од неидентификувани извори, поточно правни или физички лица кои остваруваат приходи од инвестиции или сопственост коишто не и се познати на даночната администрација, нереално зголемување на трошоците преку лажни фактури и сметки, измами поврзани со данокот на додадена вредност, поточно даночни обврзници кои бараат одбивка на ДДВ или искажуваат влезен ДДВ кој е фиктивно прикажан преку фиктивни/ лажни фактури, физички лица кои вршат дополнителна дејност после работното време, а не го пријавуваат приходот, вработување на дел или на сите вработени „на црно“, пријавување на пониска плата од реалната и исплаќање на дел од заработката „на рака“.
Понатаму дел од причините за неформалната економија треба да се бараат во неможноста да се приберат податоци за одредени категории на вработени како на пример за лицата кои вршат земјоделска дејност, домашните работници, итн.неплаќање данок, нерегистрирање на промет односно неиздавање на фискални сметки итн.
Категоријата неформално вработени лица ги опфаќа сите непријавени работници (без покриена зравствена, социјална и правна заштита), независно дали работат во претпријатие од формалниот или неформалниот сектор или пак како платени домашни работници. Понатаму, за неформални работници се сметаат работниците кои функционираат како: работодавачи и самовработени лица што работат во нивните нерегистрирани субјекти, како и неплатени семејни работници, без разлика дали работат во претпријатие од формалниот или неформалниот сектор.
Овие економски дејства не придонесуваат за развојот на државата и општеството. Државата губи приходи кои би биле платени во форма на даноци и придонеси, а кои може да бидат вложени во постигнување одржлив развој и подобри јавни добра и услуги. Отсуството на сивата економија од официјалните статистики оневозможува пореално мерење на бруто домашниот производ и има негативни импликации врз водењето на економските политики.
Исто така, високото ниво на неформална економија негативно влијае врз конкурентноста на фирмите од формалниот сектор, создавајќи „не фер“ нелојална конкуренција.
Иако неформалните активности претставуваат извор на доход за работниците што работат на неформална основа, сепак тие немаат платено здравствено ниту пензиско осигурување, а честопати им се ускратени и други работнички права.
Разлика помеѓу сива и црна економија
Често се прави разлика, разграничување помеѓу производство на стоки и на услуги чија продажба, дистрибуција или поседување е забрането со закон и производните активности кои се обично легални, но стануваат нелегални кога се извршувани од неовластени производители, односно:
- Сива економија е вршење на економски активности кои се легални, но не се регистрирани и не се пријавени за даночни цели од страна на поединци, неформални групи или организации.
- Црна економија претставува вршење на активности кои се спротивни на прописите – илегални активности (трговија со оружје, дрога, луѓе и сл.). Црната економија е синоним за прекуграничен шверц, со кој стоката влегува во земјата без плаќање царина и често се поврзува со организиран криминал.
Каде е најприсутна сивата економија
Сивата или неформалната економија е особено присутна во индустриските и услужните сектори, каде што трансакциите и плаќањето со готови пари се вообичаен дел од работењето. Тука се, пред сè, градежништвото, угостителството, транспортот, трговијата на малотекстилната индустрија,земјоделскиот сектор, поправки на возила, поправки во домовите, изработка на мебел, молерски услуги, забава и рекреација, козметички и фризерски услуги, други занаетчиски работи, издавање објекти под наем, преведувачки и професорски услуги, хардверски и софтверски услуги, уметност, домашна работа итн.