Примери за сива економија кои се најприсутни во секојдневниот живот се:

  • Неиздавање фискални сметка (нерегистрирање на готовинскиот промет) или издавање фискална сметка на нецелосен износ (делумно регистриран готовински промет)
  • Непријавување работници
  • Исплата на платата на рака
  • Нелегална трговијана роба
  • Вршење бизнис без регистрирана фирма

Неиздавање фискални сметки

Регистрираните трговски, занаетчиски и угостителски објекти, се задолжени да поседуваат фискален систем на опрема (во понатамошниот текст- фискална каса) и да издадат фискална сметка доколку извршиле промет кој се плаќа по готовински пат. Истите влегуваат во сивата зона секогаш кога нема да му издадат фискална сметка на потрошувачот и нема да го регистрираат прометот кој го реализирале.

Со тоа сопствениците остваруваат дополнителна заработка бидејќи за себе го земаат износот на данокот на додадена вредност ДДВ во износ од 5%, 10% или 18%, која со издавањето на фискалната сметка би припаднал во државниот буџет, односно на граѓаните. Исто така, избегнувањето на даночната обврска ги намалува трошоците и им овозможува да ги продаваат своите стоки и услуги по пониска цена, со што се создава нелојална конкуренција во однос на формалните бизниси.

За да ги измамат потрошувачите, несовесните трговци издаваат „меѓусметка“, која изгледа како фискалната, но не е, и не повлекува пресметување и плаќање на данок.

Податоците покажуваат дека се уште значаен дел од граѓаните никогаш не бараат фискална сметка, со што несвесно им помагаат на несовесните трговци во кршењето на законите за сопствено богатење на сметка на државата. Земањето фискална сметка дава сигурност во случај да има потреба да се рекламира производот, а тоа е и гаранција дека продавачот ќе плати данок.

Непријавување на работниците

За да се избегне плаќањето данок и придонеси на плата, некои работодавачи одлучуваат да не ги пријават своите вработени. Во практиката тоа значи дека за секои 1000 денари од исплатената плата, работодавачот избегнува плаќање на 389 денари, кои би требало да ги плати на име на придонеси за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, задолжитлен придонес за осигурување во случај на невработеност, дополнителен придонес за здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување, и данок на личен доход. За тоа време, на работниците не им тече стаж. Работата на црно, честопати е присутна кај повремените и кај сезонските работи. Работниците многу често не се подготвени да ги пријават несовесните работодавачи, поради страв дека ќе ја изгубат работата.

ПРИЈАВИ СИВА ЕКОНОМИЈА

Исплата на заработувачката на рака

За да ги измамат инспекциските служби и да ги избегнат казните, а сепак да избегнат плаќање придонеси и даноци, некои работодавачи ги пријавуваат работниците, но го прикриваат полниот износ на платата што ја исплаќаат. Тоа го прават со пријавување пониска сума или на минималниот законски износ, на кој плаќаат придонеси, додека остатокот од договорената плата на работникот му ја исплаќаат во готовина, на рака.

Вработените се повеќекратно оштетени, бидејќи им се скратува дел од придонесите за пензиско осигурување, што значи дека во иднина пензијата ќе им биде пониска. Исто така, доколку земаат кредит, банката ќе ја одреди висината на дозволениот заем врз основа на платата што се добива на сметка.

На пример, наместо да го пријави работникот на нето-плата од 30.000 денари, работодавачот го пријавува на 22.000 денари, а преостанатите 8.0000 неоданочени му ги исплаќа на рака. Наместо да плати вкупно 12599 денари во државниот буџет, на име на придонеси и 2396 денари персонален данок на доход, работодавачот ќе плати само 9142 денари придонеси и 1507 денари данок на личен доход. Разликата од 4.346 денари по работник, на месечно ниво, останува за работодавачот.

Исто така наместо да исплати плата од 22.000 денари, работодавачот може да го пријави работникот на минимална плата од 15.000 денари. Наместо да плати 9.142 денари придонеси и 1.507 денари данок на личен доход, тој ќе плати само 6116 денари придонеси и 729 данок на доход. Разликата од 3804 денари останува за него. За 10 работници пријавени на минималец, работодавачот незаконски присвојува 38040 денари на месечно ниво или 456.480 годишно.

Нелегална трговија на стока

Нерегистрираниот увоз на стока од странство и избегнување плаќање царини, покрај работата на црно, е најчестиот облик на сива економија. Постојат два најзастапени облици на прекугранична нелегална трговија: ситена нелегална трговија, кој подразбира пренесување на помали количества стока во повеќе преминувања на границата; и организирана нелегална трговија кој подразбира активности на криминални групи и дистрибуција на големи количества стока, за што често е потребна помош од корумпирани државни службеници. Стоката што е предмет на нелегална трговија не ја следи документација што потврдува исправност и квалитет и затоа е ризична за секој што ја купува.

Водење бизнис без регистрирана фирма

Вршење каква било дејност што подразбира производство, трговија или давање услуги без регистрирана фирма, исто така е сива економија. Во оваа категорија спаѓаат различни мајстори (молери, водоинсталатери, електричари, паркетари), бебиситери, козметичари, фризери, поединци што се занимаваат со производство и достава на храна, онлајн трговци што продаваат преку социјални мрежи итн.

Нерегистрираните стопански субјекти работат нелегално, скриени од закон и контрола, избегнуваат плаќање на сите даноци и такси, што ги прави нивните производи поевтини, но и помалку безбедни и помалку квалитетни.

Купувачите најчесто не добиваат никаква сметка за купената стока или услуга, немаат никаква гаранција дека производот е безбеден за употреба ни технички исправен и немаат право на рекламација, а често пати не го добиваат производот со карактеристиките и квалитетот кои се наведени во рекламите или каталозите на продавачот.

На овој начин, субјектите што работат на црно им нанесуваат штета не само на државата и граѓаните, туку и на сите компании што работат законски и плаќаат даноци, бидејќи претставуваат нелојална конкуренција.