Со цел зајакнување на борбата против организираниот финансиски криминал, заштита на националните финансиски интереси, како и заштита на Европските фондови во Република Македонија, на 26 јуни 2003 година со Законот за финансиска полиција (Сл. весник на РМ број 55/02) формирана е Управата за финансиска полиција. Управата за финансиска полиција е орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице која своите надлежности ги спроведува на територијата на Република Македонија.

Надлежности

  • Откривање и криминалистичко истражување на кривични дела кои се гонат по службена должност како што се: перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273, недозволена трговија од членот 277, криумчарење од членот 278, даночно затајување од членот 279 од Кривичниот законик и други кривични дела со противправна имотна корист од значителна вредност, како и фаќање и пријавување на нивните сторители, обезбедување на докази, други мерки и активности што можат да користат за непречено водење на кривичната постапка по службена должност или по Наредба на Јавниот обвинител преку извршување на надлежностите во Правосудната полиција согласно со закон;
  • Прибирање и анализирање податоци за готовински трансакции, превземање предистражни и други мерки кога постојат основи на сомнение за сторени кривични дела, следење на трагата на парите со цел за откривање на казниви дела утврдени со закон, увид и преглед на сметководствени податоци и евиденции во компјутерски системи во присуство на одговорно лице или од него овластено лице и други работи согласно со закон; Вршење на форензичка компјутерска анализа на привремено одземени, компјутерски системи и други електронски уреди;
  • Поднесување на кривични пријави до надлежниот Јавен обвинител за кривични дела од нејзина надлежност, кои се гонат по службена должност; Поднесување иницијатива за поведување на даночна и друга постапка за утврдување и наплата на јавните давачки пред надлежниот орган; Координирање, давање иницијатива, поднесување кривични пријави, вршење размена на информации и организирање обуки за лицата вклучени во системот на неправилности со цел за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и Европска унија;
  • Изготвување и доставување на предлог стратегија за заштита на финансиските интереси на Република Македонија и Европската унија и други работи утврдени со закон.

Овластувања

  • Проверка на идентитет на лица;
  • Повикување на граѓани и собирање на информации;
  • Приведување;
  • Лишување од слобода;
  • Задржување;
  • Пренасочување, насочување или ограничување на движењето на лица и превозни средства на определен простор за нужно потребно време; привремено одземање на предмети;
  • Увид и преглед во деловни книги и друга документација;
  • Прикриено полициско дејствување;
  • Сопирање, преглед на лица, багаж и превозни средства;
  • Собирање, обработка, анализа, користење, оценување, пренесување, чување и бришење на податоци;
  • Обезбедување на примероци од ракопис и потпис;
  • Употреба на техничка опрема
  • Примена на посебни истражни мерки и прикриени извори на податоци согласно со Законот за кривичната постапка

ПРИЈАВИ СИВА ЕКОНОМИЈА

ПРИЈАВИ СИВА ЕКОНОМИЈА

Визија

Актуелните состојби поврзани со постојаниот пораст на новите облици на криминал секаде во светот, во значителна мерка се рефлектираат и врз состојбите во Република Македонија, како земја во транзиција, а особено со глобализацијата и развојот кој овозможува слободен проток на луѓе, пари и стока, заради што е присутна и појавата на софистицирани инкриминации кој според формата, содржината и елементите на изразување имаат белег на организиран криминал.

Управата за финансиска полиција со својата улога претставува брана за финансискиот криминал во Република Македонија, а со поактивна борба против финансискиот криминал како и со зголемување на обемот на финансиски истраги односно пронаоѓање, идентификација и привремено одземање на нелегалните приноси стекнати од казниви дела ќе придонесе за нивна понатамошна конфискација од надлежниот Суд. Преку континуирана едукација, размена на искуства, информации и соработка со други органи, како на национално, така и на меѓународно ниво да придонесе за рана детекција на појавните форми на организиран криминал со цел предлагање на мерки и регулативи за негово сузбивање и превенција.