Управата за јавни приходи е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице. Со состојба на 31.12.2020 година, бројот на вработените лица во Управата за јавни приходи изнесува 1.079.

Од 1 Јануари 2017 година, овозможено со измените актите за внатрешна организација и за систематизација на работните места во Управата за јавни приходи, работите од делокругот на Управата за јавни приходи се вршат преку:

  • Генерална дирекција Скопје;
  • Дирекција за големи даночни обврзници;
  • Регионални дирекции (6) – лоцирани во Скопје, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Тетово;
  • Даночни одделенија (17) – лоцирани во Охрид, Струга, Ресен, Кавадарци, Велес, Неготино, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Виница, Свети Николе, Берово, Гевгелија, Радовиш, Гостивар, Кичево и Дебар;
  • Даночни шалтери (7) – лоцирани во Демир Хисар, Македонски Брод, Крушево, Кратово, Делчево, Пробиштип и Валандово;
  • Мобилни даночни шалтери кои ги опслужуваат останатите општини каде не постои финансиско оправдување за нивно постојано лоцирање.

Мисијата на Управата за јавни приходи е да обезбеди праведна и ефикасна наплата на даноците и другите јавни давачки со висок степен на доброволна усогласеност на даночните обврзници при исполнување на даночните обврски, преку едноставни даночни постапки и дигитализирани услуги за помош и поддршка на даночните обврзници за навремено и точно исполнување на обврските. 

Визијата на Управата за јавни приходи е да стане модел за професионална организација препознатлива според најдобрите практики на ЕУ и стандардите за квалитет, со висок интегритет и доверба во општествената заедница како гаранција за поттикнување и одржување на висок степен на доброволна усогласеност на даночните обврзници. За да ја оствариме нашата визија, продолжуваме да го зајакнуваме административниот капацитет со цел да ги постигнеме зголемените стандарди во работењето, со подобрување на деловните практики и внесување на промени согласно со севкупната дигитална трансформација. Започнавме да внесуваме нова организациска култура во работењето на даночната администрација, која обезбедува професионалност, квалитетно и транспарентно работење и одговорност за резултатите. Управата за јавни приходи креира единствена политика за обезбедување на едноставни даночни постапки и дигитализирани услуги за помош и поддршка на даночните обврзници за навремено и точно исполнување на обврските. Во управувањето со даночната усогласеност, се базираме на приоретизирање на ризиците кои влијаат на доброволната усогласеност на даночните обврзници, така што се применуваат вистинските активности, во вистинското време кон вистинските даночни обврзници, водејќи сметка за принципите на ефективност и ефикасност. Управата за јавни приходи применува управувачки стратегии кои обезбедуваат даночни обврзници да се третираат доследно и праведно, како гаранција за одржување доверба во интегритетот на инситуцијата. Во остварување на своите деловни активности, Управата се обврзува да негува отворен и одговорен пристап кон даночните обврзници, вработените, институциите на државата, меѓународните организации и целокупната општествена заедница.

Управата за јавни приходи функционира единствено на територијата на Република Северна Македонија. Врз основа на Законот за Управата за јавни приходи, ги извршува управните и други стручни работи кои се однесуваат на делокругот на нејзиното работење, како и работи кои произлегуваат од посебните даночни закони. Управата за јавни приходи оперативно ја спроведува даночната политика, го води единствениот даночен регистар и даночните евиденции на даночните обврзници, прима даночни пријави, ги утврдува, врши наплата и поврат на даноци, социјални придонеси од плата и други јавни давачки, врши инспекциски надзор, им дава помош на даночните обврзници за исполнување на нивните даночни обврски, го следи и анализира функционирањето на даночниот систем и дава предлози за негово унапредување, соработува со даночни органи од други држави и дава меѓународна правна помош во даночни предмети. Посебноста на Управата за јавни приходи се манифестира преку нејзината значајна улога во обезбедувањето средства во Буџетот на Република Северна Македонија со што го обезбедува остварувањето на функциите на државата, а кои во зависност од надлежностите, во последните години се движат околу 66%-72% од проектираните Приходи на Основниот Буџет и фондовите.

ПРИЈАВИ СИВА ЕКОНОМИЈА

ПРИЈАВИ СИВА ЕКОНОМИЈА