
Сивата економија е проблем кој е присутен во целиот свет. Во ниедна земја сивата економија не е во целост искоренета. Позначајна појава на сива економија во светот се бележи во 60-тите години од минатиот век, а особен раст имаше и по кризата во 2008 година. На глобално ниво, во периодот 1990-2018 таа изнесувала во просек околу една третина од бруто домашниот производ. Во најуспешните држави обемот на бизниси во сивата зона се движи околу 7% бруто-домашен производ, додека во земјите во развој овој број варира меѓу 20 и 30% БДП, па и повеќе.
Неформалните претпријатија сочинуваат 8 од 10 претпријатија во светот. Тие се главно нерегистрирани мали организациони единици, и често вработуваат до десет работници, непријавени и генерално со ниски квалификации. Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), во 2020 година на глобално ниво околу 2 милијарди луѓе работеле во неформалната економија, односно 62 проценти од работниците. Неформалната вработеност достигнува 90 проценти од вкупната вработеност во земјите со низок доход, 67 проценти во земјите со средно ниво на доход и 18 проценти во земјите со висок доход.

Во Република Северна Македонија, покрај генералниот тренд на намалување на сивата економија, сепак студиите и проценките за нејзиното ниво покажуваат високо учество на сивата економија во земјата (помеѓу 20-40%)[1]. Според проценките од Министерство за економија во 2011 година, нивото на неформалната економија се движело околу 30% од БДП. Последните проценки на експерти на ММФ проценуваат дека тоа ниво во 2016 година било 37,6% од БДП, додека проценките на експертите на Светската банка се нешто пониски – 33,4% и 33,6% од БДП, зависно од применетиот метод.
Според податоците од Државниот завод за статистика, 107.766 лица, или 14% од вработените лица во Република Северна Македонија биле ангажирани на неформална основа. Вообичаено младите се најподложни на неформално вработување. Така, од лицата во работоспособна возраст, најголема инциденца на неформална вработеност има кај најмладата популација, на возраст од 15-24 години и изнесува 19% од вкупната вработеност на таа возрасна група, а најмала кај лицата на возраст од 35 до 44 години – 11%. Во поглед на неплатнеите семејни работници, кои по дефиниција се неформално вработени, особена изложеност има кај жените во руралните средини. Прегледот на неформалната економија во Северна Македонија направен од страна на Меѓународната организација на трудот покажува дека од вкупниот број неформални работници во земјата, најголем дел се ангажирани во земјоделството – 52,3%, потоа во градежништвото – 16,1% и трговијата на големо и мало – 8,3%. Најголемо учество на неформалната во вкупната вработеност има во следните сектори: земјоделство (53,5%), градежништво (31,6%), услужни дејности (17,8%), административна поддршка (14,3%) и сместување и храна (10,6%).